Мицкоски го повикува Груби да се врати, опозицијата продолжува со обвинувања кон власта
„Ако бил чист како солза, немало потреба да биде бегалец, ќе дојде тука и ќе ја брани својата невиност“ – премиерот Мицкоски по информациите дека Груби од Косово заминал за Албанија. Не сака да шпекулира каде е. „Јалови се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да се оправда за бегството на Груби“ велат од СДСМ.

Премиерот Мицкоски не сака да шпекулира дали поранешниот вицепремиер Артан Груби е во Албанија или во Косово, но како што вели, факт е дека не бил чист како солза, бидејќи во спротивно немало да бега од правдата. Според шефот на Владата, пораките што ги испраќаат СДСМ и ДУИ не се во насока на одлучна борба со криминалот и корупцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче кон Груби гледал како на актер кој му овозможува на СДСМ и нему лично што повеќе да се задржат на власт. На трибината „Правдата доаѓа“ Милошоски рече дека во Собранието поминувало сè што ќе посака Груби, па дури и со европско знаменце. Смета дека и поранешниот премиер направил сериозен пропуст во случајот „Државна лотарија“.
Јалови се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да се оправда за бегството на Артан Груби, сработено по истото сценарио како и она на Блерим Рамадани. Повеќе од јасно е дека границата со Косово не е под контрола на МВР и Тошковски, реагираа од СДСМ. Според опозициската партија, власта сама си креира сценарија за сомнеж дека тие го пропуштиле Груби да си оди од државата, наместо да се соочи со одговорност.
„Груби итно да биде спроведен пред правдата“
„Денес е нејасно како Тошковски може да биде толку неинформиран и МВР толку слаба институција под негово водство, кога Изет Меџити коалицискиот партнер на Мицкоски знае дека Груби е во Албанија, а Тошковски не? Го праша ли Тошковски Меџити од каде му се информациите? Тошковски веќе одамна е зрел за оставка, премногу скандали се случија без никаква политичка одговорност“, велат од СДСМ.
Експрвиот вицепремиер и натаму е во бегство, како и поранешниот директор на Државна лотарија Беџети.
Милчо Велески
