Министерот Спасов ги посети децата кои летуваат во „Мајски цвет“
2.000 деца и оваа година во Струга го користат бесплатен годишен одмор во рамките на владиниот проект со кој се овозможува децата од семејствата со социјален ризик на возраст од петто до осмо одделение, потоа деца без родителска грижа и деца со пречки во развојот, да добијат вакво летување.

Со насмевки на лицата и радоста беше преполно детсото одморалиште Мајски цвет во Струга. За најголемиот дел од нив ова е прв контакт со езерската вода и летниот одмор.
„Ние во текот на летото немаме можност да одиме ниту во Дојран ниту во Охрид“, рече Ана.
„Многу е убаво, добро си поминуваме, супер е“, вели Мартина.
Оваа година новина е тоа што ќе бидат вклучени и спасетителите за безбедност на вода кои во текот на деновите за престој ќе организираат настава по пливање.
„На плажата имаме организирано 4 врвни стручњаци по пливање кои што за неколку дена, децата кои што не знаат да пливаат, ќе научат да пливаат“, рече директорот на детското одморалиште во Струга, Јован Паскоски.
На денешниот ручек присуствуваше и Министерот за труд и социјална политика.
„За успешноста на овој проект говорат насмевките на дечињата и незаборавното време кое што го поминуваат токму во ова детско одморалиште. Станува збор за проект со кој што се опфатени 2000 деца од семејствата во социјален ризик“, рече Министерот за труд и социјала, Диме Спасов.
Кај децата посебно внимание привлече и македонскиот пејач Лозано.
„Баш ми е мило што децата се дружат собрани од сите краишта на Македонија тука во Струга, во детскиот камп, така да секогаш сум тука за хуманитарни акции и ја подржувам оваа акција“, рече македонскиот пејач Лозано.
Во рамките на овој проект ќе се организира и зимување за илјада деца. Целиот проект на годишно ниво чини 12 милиони денари.
Ова е трета година по ред како децата од ранливите категории на семејства доаѓаат на летување во детското одморалиште Мајски цвет во Струга. Досега во ова одморалиште претстојувале околу 4000 деца.
Јованчо Наумоски
