Жестоки битки на фронтот, жртви и повредени во гранатирање на Херсонската област
Кремљ ги отфрли тврдењата дека е планирана средба Путин-Трамп за можно ставање крај на војната во Украина. На фронтот продолжуваат жестоки битки, Москва објави дека напредува. На европско тло расте неизвесноста особено во источниот блок откако Киев реши од први јануари да ја блокира испораката на руски гас …

Во изминатите 24 часа, руските сили извршија 400 напади врз осум населени места во областа Запорожје, тврди шефот на регионалната воена управа. Жртви и повредени во гранатирање на Херсонската област. Русија тврди дека презела контрола врз две населени места во регионот на Доњецк и Харков
Новоизбраниот американски претседател Трамп вели дека очекува да се сретне со рускиот претседател Путин за да се реши конфликтот во Украина. Според него, конфликтот немаше да се случи доколку тој беше претседател на САД наместо Џо Бајден. Наспроти тврдењата, од Кремљ велат дека во моментов нема планови за средба Путин-Трамп.
„Путин рече дека сака да се сретне со мене што е можно поскоро. Така што тоа го очекуваме тоа. Мораме да ставиме крај на оваа војна“, изјави Доналд Трамп, новоизбран претседател на САД.
Во услови на зголемени разговори за изнаоѓање решение за ставање крај на војната во Украина, борбите на фронтот се засилија во последниве недели. Москва лансираше беспилотни летала и ракети низ украинската територија, главно насочени кон цивилната и енергетската инфраструктура. Киев возврати со напади врз руски нафтени и енергетски цели во руската територија, а во текот на викендот беа погодени згради во Казан, главниот град на руската република Татарстан, која е богата со нафта.
„Без разлика кој и како напорно се обидува да уништи нешто во нашата земја, ќе се соочат со повеќекратно поголемо уништување за тоа и ќе се каат што се обидуваат да го направат во нашата земја“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Киев реши од први јануари да го блокира рускиот гас за Европа. Премиерот на Словачка Фицо по средбата со рускиот претседател Путин изјави дека Москва е подготвена да продолжи со снабдувањето со гас на Западот, на што се противи лидерот на Украина, Зеленски.
Маријана Димовска
