МЕПСО

АД МЕПСО го раскина договорот со изведувачот на проектот за 400 kV интерконекција помеѓу Македонија и Албанија

23.12.2024 11:13

Раскинат е договорот со „Енергоинвест“ ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, изведувач на изградбата на 400 kV далекувод од ТС Битола 2 до македонско-албанската граница...

АД МЕПСО информира дека е раскинат договорот со „Енергоинвест“ ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, изведувач на изградбата на 400 kV далекувод од ТС Битола 2 до македонско-албанската граница.

„До неодложно раскинување на договорот доведе неисполнувањето на обврските од страна на изведувачот и барањата на изведувачот за дополнителни плаќања поради значителното зголемување на трошоците за материјали и услуги. Тоа доведе до неможност за постигнување согласност меѓу двете страни“, известуваат од компанијата.

Договорот со „Енергоинвест“ ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, беше склучен на 7 февруари 2020 година, со рок за завршување од 30 месеци. Рокот истече на 30.05.2023 година. Од компанијата додаваат дека од започнување на проектот досега се реализирани 24 од планираните 269 фундаменти за столбови (8,9%), а доставени се 51,2% од опремата.

АД МЕПСО останува посветен на завршувањето на 400 kV интерконекцијата со Албанија и веќе започна подготовки за рестартирање на проектот. Друштвото ќе иницира нова тендерска постапка според насоките на ЕБОР за избор на нов изведувач кој ќе продолжи со изградбата.