Неизвесна доставата на руски гас во Европа
Во моментов нема планови за средба Путин – Трамп. Кремљ ги отфрли тврдењата на новоизбраниот американски претседател дека рускиот шеф на државата сака разговори што е можно поскоро за ставање крај на војната во Украина. Наспроти тоа, на фронтот засилуваат борбите, но и напнатоста меѓу дел од источноевропските земји и Украина, откако Киев одлучи, од 1-ви јануари да го блокира транзитот на рускиот гас...

Расте напнатоста во источноевропските земји откако Киев реши од први јануари да го блокира транзитот на руски гас. Словачкиот премиер Фицо по средбата со рускиот претседател Путин во Москва го прекори Зеленски и рече дека е недозволиво да го загрозува производството на електрична енергија во нуклеарните централи во Словачка. Од Кремљ велат дека ситуацијата е многу комплицирана и бара зголемено внимание.
„Ги слушнавте изјавите на украинската страна и знаете за позицијата на оние европски земји кои продолжуваат да купуваат руски гас и кои сметаат дека е неопходен за нормално функционирање на нивните економии. Затоа, сега има многу комплицирана ситуација што бара зголемено внимание“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Се погласни се изјавите за мир во Украина, но и натаму нема мировни преговори на повидок. Новоизбраниот американски претседател Трамп вели дека ќе спречи Трета светска војна и очекува да се сретне со рускиот претседател Путин за да се реши конфликтот. Наспроти тврдењата, од Кремљ велат дека во моментов нема планови за средба Путин-Трамп.
„Путин рече дека сака да се сретне со мене што е можно поскоро. Така што тоа го очекуваме. Мораме да ставиме крај на оваа војна. Оваа војна е ужасна. Безброј војници се убиени“, изјави Доналд Трамп, новоизбран претседател на САД.
Борбите на фронтот се засилија во последниве недели. Во изминатите 24 часа, руските сили извршија 400 напади врз осум населени места во Запорожје. Жртви и повредени во гранатирање на Херсонската област. Русија тврди дека презеле контрола врз две населени места во регионот на Доњецк и Харков.
Маријана Димовска
