Регион

Претседателска изборна трка во Хрватска, Милановиќ води на анкетите

23.12.2024 12:08

Почна претседателката изборна трка во Хрватска. Кампањата ќе трае до полноќ на 27-ми, в недела гласање…

Треба да се случи чудо, па актуелниот претседател Хрватска да не ги добие изборите. Во игра се осум кандидати, и доколку и останатите шест гласаат за Драган Приморац, номинацијата на владејачката ХДЗ, повторно разликата со Милановиќ е речиси 20 насто гласови помалку во вториот круг, на 12-ти јануари, покажува анкетата на Хрватската телевизија. Не погрешила досега.

„Јасно е кон што се движиме, каде припаѓаме, но исто така е јасно дека нема да бидеме ничија пудлица, ниту марионета“, изјави Зоран Милановиќ, актуелен претседател и кандидат на Социјалдемократската партија.

„Сега имаме хаос, застој, претседател којшто се буди во 11 и 30, кој доаѓа пред црква во Книн и други места каде се извршени операциите Молња и Бура, и каде што си заминува без збор. Време е да си оди од политиката“, изјави Драган Приморац, кандидат на ХДЗ.

Победата на Милановиќ е осигурана и во првиот круг, објави јавниот сервис. По харизматичната Колинда Грабар Китаровиќ во анкетата се и две жени, независен кандидат, доктор по филозофија и кандидатката на платформата „Можеме“.

„Сакам да живеам во Хрватска во која да работиш како наставник е важно и суштински. Паметните бегаат од системов, запоставени се од општеството“, рече Марија Селак Распудиќ- независен кандидат.

„Нема да молчам, можат секој ден да ми се силат. Тоа е ситен притисок што нема да ме запре во одбраната на заедничкото добро“, нагласи Ивана Кекин- кандидат на „Можеме“.

И двете немаат ниту половина гласови споредено со Милановиќ. Останатите четворица вкупно имаат околу 10 насто. Во шаренилото од кандидатури, најдолу фигурира независниот Картело, претприемач и сопственик на неколку компании.

„Нема да плачам, ќе пеам, љубовта зрачи, во воздухот е, околу нас … Тоа е моето чувство, почувствувајте ја љубовта. Тие што веруваат, менуваат“, изјави Нико Токиќ Картело, независен кандидат.

До 20 декември, кандидатот на ХДЗ има најмногу потрошено на кампањата, над 770.000 евра од 1.100.000 илјади колку што се на располагање. Милановиќ само 167.000. До 28 јануари наредната година мора да се достават финансиските трошоци за изборниот маркетинг.

Зоран Богатинов