Локална самоуправа

Перински: Заеднички до подобрен Закон за локална самоуправа

23.12.2024 20:24

Прва консултативна средба за најавените измени и дополнувања на Законот за локална самоуправа, организирана од страна на Министерството за локална самоуправа, а поддржана од проектот „Зајакнување на општинските совети“ финансиран од Владата на Швајцарија и Министерството за локална самоуправа...

Битола денеска беше домаќин на првата консултативна средба за најавените измени и дополнувања на Законот за локална самоуправа, организирана од страна на Министерството за локална самоуправа, а поддржана од проектот „Зајакнување на општинските совети“ финансиран од Владата на Швајцарија и Министерството за локална самоуправа, кофинансиран и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, во соработка со други национални институции и ЕЛС.

„Како што најавивме, до изменет, подобрен и модернизиран Закон за локална самоуправа прилагоден на потребите на нашите граѓани и општини, ќе дојдеме преку широки, отворени и јавни дебати. Токму денешниот настан е првиот од низата планирани во процесот во кој безрезервна поддршка и партнерство добиваме од Владата на Швајцарија и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП. Вашето учество и конструктивни мислења ќе бидат од големо значење, бидејќи токму во оваа фаза на консултации ги обликуваме неопходните чекори за изменување и дополнување на Законот“, истакна министерот Златко Перински на отворањето на настанот на кој учествуваа градоначалници од Полошкиот и Југозападниот регион, домаќинот, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, дел од експертскиот тим вклучен во процесот за измените на Законот, проф. д-р Александар Спасеновски, проф. д-р Гордан Георгиев и проф. д-р Мемет Мемети, како и претставници од граѓанскиот и невладиниот сектор.

Според министерот Перински, причините поради кои ќе се менува, односно дополнува Законот за локална самоуправа, се идентификуваните слабости по неговата дваесетгодишната примена. Клучните аспекти на планираните измени, посочи Перински, вклучуваат зголемена транспарентност и отчетност, унапредување на учеството на граѓаните, воведување комунални редарски служби и развој на недоволно развиени подрачја.

Министерот истакна дека главната иницијација за отворање на Законот е можноста за отповик на градоначалник, со што ќе се зголеми транспарентноста и отчетноста во секојдневното работење на локалните самоуправи, како и воведување на комунален надзор под ингеренции на локалната самоуправа.

Во процесот на подготовка на подобрената законска рамка е вклучена и експертска група, ангажирана од страна на УНДП и швајцарската Влада, а еден од нив е и проф.д-р Александар Спасеновски, кој истакна дека сега имаме добро принципиелно законско решение кое го издржало тестот на времето.

Дел од експертскиот тим е и проф. д-р Гордан Георгиев, кој изрази благодарност до министерот Перински и УНДП за одлучноста да го отворат овој сложен процес.