Според обдукцискиот наод, смртта на 31-годишната родилка од Куманово е природна
По два месеца во Основното јавно обвинителство пристигна обдукцискиот наод за смртта на 31-годишната родилка од Куманово. Според наодот смртта настанала природно, како резултат на емболија. Семејството категорично ги отфрла наводите. Обвинителство пак на став, истрагата продолжува …

Смртта на 31-годишната родилка од Куманово, настанала природно како резултат на емболија, покажал обдукцискиот наод на Институтот за судска медицина. Семејството на починатата целосно ги отфрла наводите. Реагираат дека институциите затаиле во доставувањето на извештајот, кој пристигнал дури два месеца подоцна. Случајот велат нема да се заборави, а ќе ангажираат и експерти за да продолжи истрагата.
„За изненадување е како може една здрава родилка која имала здрав плод природно да почине, кога сите други индикации покажуваат нешто друго, а како дополнение ќе се повикам и на фактот дека самата рожба немала апсолутно никакви аномалии во текот на породувањето“, истакна Христијан Георгиевски, адвокат на семејството.
Бранителот на семејството реагира и на други недоследности во извештаите. Наодот за спроведен стручен надзор вели потврдува пропусти за медицинската документација. Значајна е и временската разлика кон преземање реанимациски мерки.
Родилката на 26-ти септември била примена во кумановската болница, откако почнало породувањето. Наредниот ден состојбата нагло се влошила и таа починала.
Основното јавно обвинителство Куманово потврди дека кај нив пристигнал обдукцискиот наод. Обвинителството велат продолжува да презема дејствија за целосно испитување на настанот.
Елена Георгиевска
