МВР

Уште една недела за замена на возачките дозволи со старото уставно име

23.12.2024 16:37

Рокот истекува – граѓаните имаат уште една недела да ги заменат возачките дозволи со старото уставно име, во спротивно ќе платат казна.

Од 1-ви јануари возачките дозволи со старото име на државата ќе престанат да важат, на возачите им останува уште малку време да ги заменат. Оние кои ќе бидат затекнати со стара возачка ќе бидат санкционирани со парична казна од 100 евра. Досега се издадени повеќе од 800 илјади возачки со новото уставно име на државата. На пунктовите не се забележува метеж, процесот на замена тече без проблеми.

„Знаев дека треба да ја сменам, го направив тоа навреме“.

„Знаете дека е казниво со закон? Знам ама не возам, немам потреба сега да ја заменам“.

„Одамна ми е заменета, пред 5-6 месеци“.

„Баш сега во овој момент треба да се сликам. Рокот истекува до крајот на годината знаете? Да знам, и фаќам 5 до 12“.

„Навреме ја заменив, пред повеќе од една година“, изјавија анкетирани граѓани.

Министерството за внатрешни работи ги повика сите граѓани кои сè уште не ги обновиле возачките дозволи да го сторат тоа до истекот на рокот. Велат, службите функционираат со полн капацитет.

„Сите капацитети на Министерството и шалтерите на управните служби функционираат во полн капацитет и можат да ги услужат граѓаните да ги заменат своите возачки дозволи во редовниот рок до 31.12.2024 без никакво доцнење и метеж“, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

По промената на уставното име на државата, согласно Преспанскиот договор, граѓаните имаа обврска да ги промени патните исправи, личните карти и возачките дозволи.

Возачките кои ќе бидат затекнати со стара возачка дозвола, според Законот за безбедност во сообраќајот, ќе бидат санкционирани со парична казна од 100 евра.

 

Андријана Ѓурческа