Финансии

Парите од унгарскиот кредит компаниите треба да ги добијат по Нова година

23.12.2024 16:22

Бизнисот ги чека парите од унгарскиот заем, банкарите уверуваат дека ќе ги поддржат сите продуктивни проекти. Исплата се очекува во првиот квартал од новата година...

Компаниите по новогодишните празници треба да ги добијат парите од унгарскиот кредит, иако банкарите не исклучуваат тоа да се случи и во февруари.

Од бизнис-секторот реагираат дека сè уште не е познато кои критериуми треба да ги исполнуваат за да аплицираат. Но, уверени се дека со парите ќе се модернизира производствениот процес и ќе се зголеми продуктивноста. Бизнисот бара не само сега, туку и во иднина банките да даваат поповолни кредити за да се охрабрат за поголеми инвестиции.

Банкарите уверуваат дека ќе ги поддржат сите продуктивни бизнис-планови независно од која дејност се. Засега е познато дека приоритет ќе имаат проектите од областа на обновливите извори на енергија.

Ова е вин-вин ситуација во која сите треба да направат отстапки за на долг рок да добијат сите, посочуваат економистите.

Средствата треба да ги зајакнат компаниите да се справат со евентуални поголеми последици од кризата во Германија.

 

Александра Велинова