Европа

Романија доби проевропска влада, предводена од премиерот Чолаку

24.12.2024 11:35

Во новиот кабинет, Социјалдемократската партија ќе има осум ресори, вклучувајќи ги правдата, транспортот, трудот и одбраната, а повеќето нејзини актуелни министри ќе ги задржат своите функции. Шест ресори им припаднаа на либералите, додека Демократскиот сојуз на Унгарците кои живеат во Романија ќе добие две работни позиции, вклучително и финансиите.

Со 240 гласа „за“ и 143 „против“ романските пратеници ја изгласаа новата проевропска коалициска влада предводена од премиерот Марсел Чолаку. Во новиот кабинет, Социјалдемократската партија ќе има осум ресори, вклучувајќи ги правдата, транспортот, трудот и одбраната, а повеќето нејзини актуелни министри ќе ги задржат своите функции. Шест ресори им припаднаа на либералите, додека Демократскиот сојуз на Унгарците кои живеат во Романија ќе добие две работни позиции, вклучително и финансиите.

„Оваа Влада нема да биде влада која презема мерки за штедење! Напротив, ќе продолжиме да го поддржуваме деловното опкружување преку масивни програми за поддршка. Но, сакаме секое евро што го нудиме за развој да има солидно оправдување. Романците бараат од нас да се грижиме за јавните пари и токму тоа сакаме да го направиме. Ќе ги задржиме јавните политики кои произведоа важни резултати во 2024 година и ќе ги поставиме како стандард за економски развој“, изјави Марсел Чолаку, романскиот премиер.

Во опозиција остануваат Унијата Спас за Романија, како и суверените и националистичките партии Сојузот на Романците, SOS партијата и Партијата на младите. Премиерот Чолаку, заедно со новите министри положија заклетва ветувајќи просперитет за народот и ставање крај на политичка криза по поништувањето на претседателските избори од уставниот суд. Мисијата е да се обезбеди стабилност и да се одржи проевропската траекторија на земјата-истакна претседателот Јоханис.

„Ние сме во ситуација каква што досега не постоела, со откажани избори и мора да разбереме дека Романците се многу загрижени. Сите сакаат стабилност и зачувување на евроатлантскиот пат на Романија по секоја цена, и во тој поглед ве замолувам да постапите соодветно. Многу добро ги знаете проблемите што треба да се решат, пред вас има многу предизвици, но два се вредни за спомнување-Буџетот за 2025 и утврдување на календарот за избор на претседател“, изјави Клаус Јоханис, романски претседател.

Изборниот процес за претседател беше рестартиран од нула, откако Уставниот суд на Романија на 6 декември го поништи резултатот од првиот круг од гласањето само неколку дена пред одржувањето на вториот круг откако беа декласифицирани тајни документи, кои укажуваа на странско мешање и масовно влијание, што му донесе бенефиции на победникот од првиот круг Калин Георгеску. Новите владини партнери претходно се согласија да имаат заеднички претседателски кандидат и да го номинираат Крин Антонеску откако ќе го утврдат и одобрат датумот за нови претседателски избори во земјата.

Бојана Крстевски