Наезда од глувци во оризовите полиња во Кочанско
Водени стаорци ги пустошат оризовите ниви во кочанско. Досега се оштетени околу 30 отсто од посевите. Земјоделците стравуваат од поголеми штети. Засега, нема ефикасен препарат за уништување на глодарите...

Наезда од глувци на оризовите полиња во Кочанско. Стаорци ги јадат коренот и стеблото на оризот, со што практично го уништуаат родот:
„Штетите се огромни. Се е изедено, полињата се како пресечени. Овој дел овде, речиси половината е уништен“, изјави земјоделец од селото Соколарци.
Појавата на глувци во Кочанско не е ниту нова ниту непозната работа, но годинава, глодарите ги има повеќе од кога и да е, велат земјоделците.
„Само за еден ден уловив 6 стаорци. Ставив мамка и се фатија“, вели земјоделец од село Тркање.
За каков вид на глувци всушност се работи?
„Станува збор за водени глувци, јас не им го знам латинското име, но знам дека прават големи штети. Општините Кочани и Чешиново – Облешево треба да се позанимаваат со ова“, вели Драгољуб Гаврилов од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Досега, штети се регистрирани кај 30-40 % од површините под ориз, но наездата од глувци се шири бргу. Земјоделците се плашат дека глодарите ќе им уништат најмалку 60 % од родот.
Состојбата е алармантна, но уште поалармантно е што таа тешко може да се спречи.
„Се уште немаме соодветен препарат со кој би се решил проблемот со глувците во оризните ниви“, појаснува Горан Манов, вработен во земјоделска аптека.
Најголем проблем со глодарите имаат земјоделците од Чешиново, Соколарци и Спанчево, каде штети се регистрирани на околу 40 % од посевите, но досега, ниту еден од земјоделците , истите не ги пријавил во подрачната единица на ресорното министерството и не побарал помош.
Оливера Жежова
