Куманово

Продолжува судењето против градоначалникот Максим Димитриевски

24.12.2024 12:26

Во Куманово продолжи судењето против градоначалникот, по пријава на две правни лица за неиздавање дозвола за градба. Се сослушуваше вешто лице. Првиот човек на Куманово верува во правниот систем...

Во кумановскиот Основен суд продолжи судењето против градоначалникот Димитриевски, кој е осомничен за злоупотреба на службена положба и овластување, по пријава на двајца бизнисмени за изградба на станбени единици. Се сослушуваше вешто лице од област на урбанизмот, според кое градоначалникот и општината постапиле согласно законите, притоа водејќи грижа за јавниот интерес. Димитриевски верува во институциите на системот и се надева дека обвинителството ќе го повлече обвинението.

„Апсолутно во ниту еден момент не е направен ниту еден пропуст од страна на општината ниту пак на луѓето вработени а при тоа не е ускратено ниту едно право, на ниту една странка, испочитувани се сите закони“, истакна градоначалникот на Куманово.

Обвинителството и адвокатите на тужителите во целост го отфрлија исказот на вештото лице.

„Тврди дека е работено согласно законот а во исто време имате две пресуди од Управен суд и две одлуки на Уставен суд кои јасно потврдуваат дека незаконски се работело од страна на градоначалникот и општината“, истакна бранителот Божиновски.

Двајцата инвеститори бараат надомест на штета од 3,3 милиони денари, бидејќи не добиле дозвола за градба.

Судењето продолжува во февруари. На наредното рочиште ќе се сослушаат уште две вешти лица на предлог на одбраната.

Елена Георгиевска