Ќе растат платите на сите вработени, но нема да растат на функционерите- вели Мицкоски
Премиерот Мицкоски нагласи дека одлуката за исклучување на функционерите од покачувањето на платите е правилна, иако, како што вели, постои дебата околу тоа прашање.
Во 2025-та година платите на сите вработени во државата ќе се зголемат, но покачувањето нема да важи за функционерите. Ова денес го потврди премиерот Христијан Мицкоски за време на поставувањето камен-темелник за изградба на спортска сала во населбата Црешево, Општина Гази Баба.
„Ќе се залагаме сите вработени во државата да добијат подобри примања и ќе работиме активно на тоа. Но, ова покачување нема да важи за функционерите. Тоа јасно го најавивме и сега го спроведуваме. Предлагаме промена на законот што ќе го оневозможи зголемувањето на платите на функционерите, и ова законско решение наскоро ќе биде разгледано од пратениците“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека одлуката за исклучување на функционерите од покачувањето на платите е правилна, иако, како што вели, постои дебата околу тоа прашање.
„Верувам дека ова е исправна одлука, иако постојат различни мислења околу ова прашање. Ние ќе продолжиме да работиме во корист на граѓаните и на оние кои ни ја дадоа својата доверба како Влада“, додаде Мицкоски.
