УЈП со засилени инспекциски контроли за празниците
Празничната еуфорија во полн ек, предновогодишно се јаде и пие, забави во сите локали. Но, данокот мора да се плати и тоа не само за храната и пијалаците, туку и за музиката. Од УЈП најавуваат засилени инспекциски контроли за почитување на законот особено во туристичките центри …

Предновогодишни забави во сите локали се јаде, се пие се весели, но од УЈП потсетуваат данокот мора да се плати. Најавуваат засилени инспекциски контроли особено во туристичките центри. Ги повикуваат угостителите да издаваат фискални сметки, целиот промет од предновогодишните забави и новогодишните прослави да биде евидентиран, но и да имаат склучени договори со музичарите.
„Важно е да се каже и доколку ангажираат физички лица, како музичари, естрадни уметници диџеи со нив да склучат договори за вршење дејност а со тоа да направат и пресметка во системот на е услуги со што ќе пријават и платат данок. Угостителите кои сакаат да изнајмат штандови и да учествуваат на базари за храна пијалаци и слично за прометот треба да издаваат фискални сметки“, вели Виолета Блажеска Трпеска даночен советник во УЈП.
Обврски имаат и физичките лица кои ќе продаваат на Новогодишните базари, тие ќе платат паушал. И станоиздавачите се должни да ги пријават приходите од сместување туристи и да платат данок на целиот остварен приход.
„Тие што издаваат соби, вили, апартмани и слично треба приходот да го пријават во УЈП со тоа што ќе изготват електронска пресметка во системот на е-услуги. Без разлика дали тоа го прават непосредно или преку некои платформи на интернет Букинг, Фејсбук и слично, сиот приход треба да го пријават со поднесување на електронска пресметка“, додава Трпеска.
УЈП апелира сите даночни обврзници да се придржуваат кон законските обврски, бидејќи глобите се големи, се движат од 300 до 10.000 евра, а предвидено е и времено затворање на објектот.
Соња Рилковска
