АХВ откри новогодишни пакетчиња со изминат рок
Спроведени 62 контроли за безбедноста на новогодишните пакетчиња, најдени се производи со изминат рок, како и краток рок на траење. На операторите наредено им е повлекување на пакетчињата од промет и нивно уништување. А изречени се и соодветни прекршочни пријави.

Новогодишни желби, подароци, дедомразовци, претстави, насмеани лица. Радост пред претстојните празници. Новогодишните пакетчиња се најпосакуваните подароци. Во нив чоколади, бонбони, колачи убаво стокмени на едно место, но со можност меѓу нив да се протурка и производ со поминат рок. Агенцијата за храна откри низа вакви злоупотреби.
Граѓаните купуваат пакетчиња да ги израдуваат најмладите, но дел и сами им ја ги креираат содржината. Велат така е побезбедно.
Од Агенцијата за храна уверуваат дека пакетчињата во кои има утврдени неправилности со рокот на производите се тргаат од промет. Инспекторите имаат и веќе изречени прекршочни казни. Засилени контроли на храната и кај сите трговски и угостителски објекти.
Апел и до граѓаните да бидат одговорни потрошувачи и храна да купуваат од регистрирани објекти, кои се под контрола на инспекциските служби.
Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната граѓаните може да ја пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство. Од таму велат двојно е зголемен бројот на пријави за недекларирана храна и храна со изминат рок.
Ана Јосифоска
