Македонија

Антикорупциска нема основа за постапување против директорот на АНБ

24.12.2024 16:01

Антикорупциската комисија нема основа за постапување против директорот на АНБ, Бојан Христовски. Ваква одлука донесоа членовите по спроведените проверки. Утврдиле дека Христовски ги исполнува условите за именување според законот за АНБ. Според пријавите кои стасале на адреса на Комисијата за спречување корупција, постоеле сомневања за законитоста на безбедносната проверка, валидноста на дипломата за високо образование, сертификатот за англиски јазик и работното искуство на Христовски…

Антикорупциската комисија нема основа за постапување против директорот на АНБ, Бојан Христовски. По спроведените проверки антикорупционерите утврдиле дека првиот човек на тајната служба ги исполнува условите за именување на челната позиција, според законот за АНБ. ТОЕФЛ сертификатот за познавање англиски јазик и дипломата од Економскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје за кои се дигна најмногу врева во јавноста, не се спорни. Но, Комисијата за спречување на корупцијата нема надлежност да утврдува дали некој документ е фалсификат или не.

За Христовски на адреса на Антикорупциската комисија во октомври стигнала анонимна претставка на која имало осум дополнувања од пријавувачи, со тврдење дека не ги исполнува условите за директор.

Според пријавите, постоеле сомневања за законитоста на безбедносната проверка, валидноста на дипломата за високо образование, сертификатот за англиски јазик и работното искуство на Христовски.

Подносителите бараа антикорупционерите да ги преземе сите потребни дејствија за утврдување на одговорност за корупција и судир на интереси. Неодамна Христовски иако беше избран за асистент по криминалистика на Факултетот за безбедност, се откажа и продолжи со раководењето на АНБ.

Наташа Гркова-Петрушевска