Новогодишна кошница

Мицкоски им се налути на трговците, најави засилени контроли

24.12.2024 17:12

Премиерот Мицкоски на денешната владина седница од Државниот пазарен инспекторат ќе бара робустна и жестока акција. Вели некои од маркетите шпекулираат и се служат со трикови. Лут е на трговците откако ги покачија цените на производите кои не се опфатени во „новогодишната кошница“...

Премиерот Мицкоски најави засилени контроли кај трговците кои пробале со трикови да ја изиграат мерката „новогодишна кошница“, на сметка на намалените производи ги зголемиле цените на продуктите кои најмногу се користат од страна на граѓаните.

Шефот на македонската Влада им се налути на трговците велејќи дека е срамота тоа што го прават пред празниците. Апелираше да ја преиспитаат одлуката и да се придржуваат до она што е договорено со Владата. Пазарната инспекција почнува со робустна акција.

Новогодишната кошница е измама и манипулација, критикуваат социјалдемократите. Ја обвинија Владата дека трговците се богатат на грбот на граѓаните додека народот осиромашува. Од СДСМ порачаа да се прифатат нивните барања за пораст на минималната плата и за укинување на ДДВ на храната.

Граѓаните се жалат дека пред да стартува мерката „новогодишна кошница“, цените на дел од основните прехранбени продукти пораснале и дека не забележуваат поголемо намалување на цените.

Со мерката „новогодишна кошница“, која важи до 15-ти јануари, се опфатени над 1.000 производи.

 

Викторија Милевска