Регион

Снегот направи хаос на Балканот

24.12.2024 18:18

Снежното невреме што го зафати Балканот предизвикува значителни проблеми на патиштата во Хрватска, Босна и Херцеговина и во Србија...

Снежно невреме зафати делови од Балканскиот Полуостров. Околу 200,000 домови во северозападниот дел на Босна и Херцеговина останаа без струја поради дефекти предизвикани од изобилните врнежи.

„Ситуацијата се влоши поради прекините на електрична енергија предизвикани од падот на електрични водови. Критични области се приградските населби, месните заедници надвор од центарот на градот. Тие се трет приоритет за расчистување“, изјави Зоран Јовановиќ, претседател на Управата за цивилна заштита на кантонот Тузла.

Сепак за многумина снегот и не е толку лоша работа.

„Ние всушност едвај чекавме снег, ние сме скијачи и скијаме секој ден. Така, поминавме 10 минути чистејќи ја колата, но тоа не ни е проблем, сакаме да имаме малку снег наоколу, за да можеме да имаме вистински празници. Вистинска Нова година. Ваков снег чекавме веќе две години“, вели локален жител.

Во многу делови на Хрватска пак има вистинска празнична атмосфера но, не секој што тргнал на патување го дочека снегот со ентузијазам. Сообраќајот е во хаос. Поради силниот ветер и бранови, на крајбрежјето е вклучен црвен метеоаларм претежно во Сплитската област.

„Можете сами да видите, ова е хаос. Не можеме да поминеме. Дојдовме овде од Германија, реков дека ќе си одиме дома преку Загреб, но ова е втор ден како сме овде“, рече возач.

Невремето ја зеде првата жртва во Србија. Едно лице загина во сообраќајна несреќа предизвикана најверојатно од снежните врнежи. Сообраќајот се одвива отежнато во речиси сите делови.

 

Маријана Димовска