Фантастични заработки во Скопје
Кој вели дека не се заработува добро во земјава?
Американскиот сон може да се живее и во Македонија, барем ако се суди по податоците на УЈП. Скопјанец лани примал месечна бруто- плата од фантастични 85 илјади и 400 евра, односно за една година заработил повеќе од милион евра само по овој основ. Неговото име не се открива. Познато е само дека работи во областа на здравството, сектор кој ги стави во втор план платите од областите банкарство и телекомуникации, кои за прв пат не се во топ 10.
Освен од плата, лани убаво се заработувало и на Берза. Менаџер од Скопје заработил речиси 4 милиони евра од дивиденда и од други приходи. Највисока капитална добивка остварил жител на Гостивар – над 800 илјади евра. Скопјанец заработил 570 илјади евра од дополнителни примања и надоместоци. Жител на Тетово инкасирал над 750 илјади евра од рента, а човек од Свети Николе имал најмногу ксмет - преку игри на среќа заработиле нешто помалку од 300 илјади евра.
И додека пензионерите во нашата држава едвај врзуваат крај со крај со нивните пензии, жител на Радовиш само од пензија заработил 27 илјади евра.
Лани 174.181 граѓанин пријавиле данок, 60.000 не ја испочитувале обврската . Ќе се соочат со казни од 500 до 1000 евра.
Од УЈП со совети до граѓаните кои добиле даночни решенија со долг од 1 до 10 денари – да не одат да плаќаат во банка поради провизиите, туку долгот да го намират во Управата.
Дијана Ценевска
