Македонија

Католиците и дел од православните го слават Раѓањето Христово – Божик

25.12.2024 08:28

Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божикна полноќна света литургија.

Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик.

Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божикна полноќна света литургија.

Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов на проповедта на литургијата упати честитка до граѓаните со католичка вероисповед.

Овие денови голема е радоста во срцата на христијаните токму поради празникот Рождество на нашиот Господ Исус Христос – Божиќ, со кој Бог стана човек и влезе во човечката историја за да го помири човекот со Бога. Затоа Божиќ е надеж за човештвото. Сигурен сум дека сите сакаме да се помириме со Бога и да црпиме благодати од заедништвото со Него. Но не е доволно да се помириме само со Бога, туку и со ближниот- нагласи бискупот.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до верниците кои го празнуваат Божик по Грегоријанскиот календар.

Божиќ е симбол на ново раѓање, нов и поубав живот. Нè потсетува на безусловната љубов, дарувањето и заедништвото и ни дава духовна сила и спокој. Радувајќи им се на празничните денови во топлината на нашите домови и во кругот на најблиските, да не заборавиме на нашиот заеднички дом – татковината. Да го чуваме и почитуваме нејзиното достоинство за да бидеме и самите достоинствени и почитувани, се вели во честитката од претседателката Сиљановска Давкова.