Се урна патнички авион во Казахстан, се истражуваат причините за несреќата
Официјално објавен списокот на патници на кобниот лет од Баку за Грозни. Авионот на азербејџанските авиолинии кој се урна во казахстанскиот град Актау превезувал 67 луѓе. 32-ца се спасени. Причините за несреќата и натаму непознати, покрената е истрага...

Полета од Баку, па загуби височина. Се обиде да се врати на маршрутата кон Грозни, но не успеа. Обидот за атерирање кобен за десетици патници на воздухопловот на Азербејџанските авиолинии. На три километри од предвидениот аеродром за слетување, авионот се урна во близина до казахстанскиот град Актау. Спасени се 30-ина луѓе, велат официјалните власти.
„Во авионот имало вкупно 67 луѓе, од кои 62-ца патници и петмина членови на екипажот. Веќе е воспоставен контакт со Казахстан. На местото на несреќата се обезбедува потребната оперативна поддршка од службите за итни случаи. Според информациите, 37 се државјани на Азербејџан, 16 руски државјани, 6 државјани на Казахстан и тројца се државјани на Киргистан. Списокот на патници е официјално објавен“, изјави Фарид Хусеинов, шеф на одделот за комуникација на АЗАЛ.
Роднините на патниците кои требаа да ги дочекаат своите најблиски на крајното одредиште во Грозни се собраа на аеродромот, нестрпливо очекувајќи информации.
„Само што добив фотографија и видео дека внук ми е жив и здрав. Се е во ред. Не знам каде да одам – во Казахстан или каде, кого да прашам, како да се сретнам со него, никој не кажува ништо“, изјави вујко на преживеан од азербејџанскиот патнички авион.
Точните причини за пренасочување на леталото и натаму се нејасни, додека едни тврдат дека причина за свртувањето кон Актау била густата магла, во соопштението на руската агенција „Росавијација“ се вели дека првичните информации укажуваат на одлуката на пилотот итно да слета по ударот во јато птици. Несреќата се случила во момент кога азербејџанскиот претседател Алијев бил на пат кон Русија за учество на неформалниот самит на независни држави организиран од неговиот руски колега Путин во Санкт Петербург. Шефот на Кремљ потврди разговарал со колегата.
„Руското министерство за итни состојби испраќа медицински персонал со опрема, тие се на пат веќе кон Актау. Разговарав и со претседателот Алијев изутрина, кој скоро беше тука, но го сврте авионот, и се врати кон Баку имајќи предвид дека урнатото летало му припаѓаше на Азербејџанските авиолинии. Се надевам на темелна истрага, ние координираме со нашиот дел од помошта на истражителите. Им благодарам на сите земји на комонвелтот на независни држави што се собраа во Сент Петерсбург“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Властите во Казахстан и во Азербејџан формираа заедничка комисија за истрага на инцидентот и причините за несреќата.
Бојана Крстевски
