Новогодишна кошничка

Пазарните инспекции со засилени контроли во маркетите

25.12.2024 16:00

Триковите откриени, засилени контроли во маркетите. Власта најави замрзнување на цените, доколку не поевтинат. Производите надвор од новогодишната кошничка поскапени за 25 проценти.

Министерот за економија итно побара да се коригираат цените на производите што се најпотребни периодов за новогодишните празници и да им се излезе во пресрет на граѓаните. Ако трговците си тераат по свое и не ја почитуваат мерката за поевтинувања, Владата повторно ќе ги „замрзне“ цените на храната.

Во меѓувреме, некои производи поскапеле за дури 25%, вели премиерот. Мицкоски рече дека на владина седница донеле одлука со што се засилуваат инспекциските контроли во маркетите кои срамно ги покачиле цените на некои производи.

Инспекторите се веќе на терен и анализираат како се движеле цените на храната во изминатите три месеци, односно колку поскапеле производите што не се опфатени со новогодишната кошница.

Владата останува на ставот дека општествената одговорност е неопходна во вакви периоди и дека евентуалното замрзнување на цени или маржи ќе биде последна мерка, ако трговците и натаму ги злоупотребуваат граѓаните.

 

Борис Грујоски