Злоупотребите во случајот „Лотарија“ се поголеми отколку што првично биле утврдени, вели премиерот Мицкоски
Истрагата за „Лотарија“ се проширува. Злоупотребите поголеми отколку што првично биле утврдени, вели премиерот Мицкоски, кој заедно со министерот за внатрешни работи најавија дека Груби, кој се бара со меѓународна потерница, властите ќе го вратат во земјава. Додека власта се обидува да го обезбеди пред судот на правдата, опозицијата критикува и бара Владата да ги тргне рацете од правосудството...

Злоупотребите во случајот „Лотарија“ се поголеми отколку што првично биле утврдени, вели премиерот Христијан Мицкоски. Истрагата ќе покаже за колкава разлика се работи, но во секој случај станува збор за поголема сума од првичната проценка – посочи премиерот. Останува воздржан за детали кои можат да и наштетат на истрагата. За случајот „Лотарија“, Обвинителството покрена обвинение за поранешниот вицепремиер Груби кој се бара со меѓународна потерница и за директорот на компанијата Бајрами. Индициите се дека со проневерените пари се купувале криптовалути за да им се изгуби трагата.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче, обвини за масовна партизација на институциите. Владејачката партија посегна по целосна контрола на судството – смета Филипче.
Во новата година партијата се враќа на терен да ја промовира новата платформа и нови решенија. Во осврт за работата на Владата изминативе шест месеци Филипче со забелешки за евроинтеграциите, економијата, здравството, образованието.
Економските мерки на Владата не влијаат на подобрување на стандартот на граѓаните, тие се наменети за елитата-вели Филипче.
Марина Стојанова-Тонева
