реакции

Политичките партии од власта и опозицијата со различни гледишта за годишното обраќање на претседателката Сиљановска Давкова

25.12.2024 17:06

Политичките партии од власта и опозицијата со различни гледишта за годишното обраќање на претседателката Сиљановска Давкова. За власта, говорот е визионерски, а за опозицијата, таа не понудила конкретна визија за иднината на државата...

Визионерски и инспиративен за националните прашања во однос на евроинтегративните процеси, ваква оценка даде владејачкото мнозинство за говорот на претседателката Сиљановска Давкова. Сметаат дека ставовите на претседателката се државнички во насока да се прифатат копенхашките критериуми во однос на отворање на пристапните преговори со ЕУ и да се избегне билатерализација на односите со Бугарија во однос на историските прашања.

Опозицијата со критички настап на обраќањето на претседателката Сиљановска. Според нив, таа многу малку се осврнала на суштинските прашања за меѓуетничките односи, евроинтеграциите на земјава и за консензус за важните национални прашања, туку само декларативно посочила на главните насоки по кои треба да се движи државата.

На обраќањето на претседателката Сиљановска присуствуваа сите политички партии, што е позитивно за политичката култура, во однос на некои минати времиња кога опозицијата ги бојкотираше настапите на претседателите на државата.

 

Игор Панов