Пет новинари загинаа во израелски напад во Газа
Тел Авив го потврди инцидентот, вели-цел биле терористи од палестинскиот Исламски џихад.

Израел погоди медиумско возило паркирано пред болница во Газа, загинаа пет новинари. Тел Авив го потврди инцидентот, вели-цел биле терористи од палестинскиот Исламски џихад. Ракетирани и други места во енклавата, додека расте бројот на премрзнати бебиња поради нехуманите услови. Хамас го обвини Израел за комплицирање на напорите за прекин на огнот по изјавите на израелскиот министер за одбрана за новите услови за повлекувањето на трупите од Газа.
„Ќе се погрижиме во Газа да има безбедносни тампон зони и командни позиции кои ќе ја гарантираат безбедноста на заедниците, работејќи на двете цели на војната – ослободување на заложниците и пораз врз Хамас. Нема да има нивно владеење, ниту присуство на нивната војска, тука ќе се појави поинаква реалност“, изјави Израел Кац, министер за одбрана на Израел.
Владата на Израел го обвини Хамас дека се откажува од отстапувањето од веќе постигнатите разбирања. Сепак, двете страни рекоа дека разговорите се во тек што го потврдија и властите во Египет.
