Министерството за енергетика со нов тарифник

Од 1-ви јануари фирмите ќе плаќаат до 100% повеќе за експлоатација на природни ресурси

26.12.2024 10:33

Предлогот на министерството за зголемување на надоместоците е усвоен од Владата и објавен во Службен весник, со што новиот Тарифник почнува да се применува на 1 јануари.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со цел воведување ред во користењето на националните богатства и фер наплата, од 1-ви јануари започнува со наплата на до 100% зголемени надоместоци за експлоатација на природните ресурси.

Со измените во Тарифникот за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини, надоместоците за минерални суровини се зголемуваат до 100%, што ќе значи и значајно зголемување на приходите за државата.

Предлогот на министерството за зголемување на надоместоците е усвоен од Владата и објавен во Службен весник, со што новиот Тарифник почнува да се применува на 1 јануари.

Клучните измени вклучуваат: за користење на просторот за експлоатација: Надоместокот се зголемува за околу 30%; за експлоатација на мермер: надоместокот ќе изнесува 5% од приходот од продадената минерална суровина, наместо досегашниот процент од фиктивна цена; метални минерални суровини: зголемување од досегашните 2% на 4%; неметални минерални суровини: зголемување во просек над 100%.

Измените не ги засегаат надоместоците за енергетски минерални суровини, како јаглен, со цел да се спречи дополнителен раст на цената на електричната енергија.

Со оваа мерка, годишниот приход од концесиските надоместоци, кој моментално изнесува околу 10 милиони евра, значително ќе се зголеми. Овие средства ќе бидат насочени кон подобрување на јавните услуги и поддршка на економскиот развој.

„Со новите измени обезбедуваме фер наплата за користење на нашите национални богатства, штитиме одржлив развој и гарантираме придобивки за сите – и за државата, и за приватниот сектор“ изјави министерката Сања Божиновска.

Министерството се раководеше од детална анализа на регионалните и светските практики, како и препораките од Државниот завод за ревизија.

Извештајот од април 2024 година потенцира дека концесиските надоместоци во Македонија се најниски во регионот, што ја поттикна потребата за измени, велат од Министерството.