Димитриеска-Кочоска: Многу наследени проекти се прекинуваат поради објективни проблеми
Јавни инвестиции над 120 милиони денари или 2 милиони евра ќе поминуваат филтер во Министерството за финансии и ќе бидат одобрувани од Владата со цел да се надмине состојбата на појавување проблеми во подоцнежната реализација...

Сите јавни инвестиции над 120 милиони денари или 2 милиони евра ќе поминуваат филтер во Министерството за финансии и ќе бидат одобрувани од Владата со цел да се надмине состојбата на појавување проблеми во подоцнежната реализација. Ова е предвидено со измени во Законот за буџети, а со цел да се креираат проекти кои ќе можат да се реализираат.
Ова го најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување на национална телевизија, во кое истакна дека има многу наследени проекти од претходната Влада кои сега се прекинуваат поради објективни проблеми.
Очекува годината да се заврши со реализација на околу 550 милиони евра капитални инвестиции. Тоа е околу 70% од планираното. Но важно е дека станува збор за реализација на реални капитални инвестиции.
„Во 2021 година капитални расходи се реализирани во износ од 400 милиони евра, во 2022 во износ од 450 милиони евра, во 2023 година 700 милиони евра. Но во овие средства се и трансферите кон ЕСМ од кои потоа беа исплаќани плати, како и авансни плаќања за одредени проекти. Оваа година ќе завршиме со капитални расходи околу 550 милиони евра но тоа се реални капитални расходи“, истакна министерката.
Во однос на реализацијата на Буџетот рече дека се одвива согласно планираното. „Приходите од ДДВ ќе бидат над планот, од Данокот на личен доход согласно планот, кај Данокот на добивка ќе има реализација 98-99%. Придонесите ќе имаат 100% реализација.
Буџетскиот дефицит ќе биде понизок“, потенцира Димитриеска-Кочоска.
Информираше дека нема да има промени во даночната политика и дека единствената промена е усогласувањето со минималниот корпоративен данок.
Според министерката треба да се работи на подобрување на целокупниот животен стандард на граѓаните, коешто не опфаќа само раст на плати и пензии, туку вклучува и подобри услови во образованието, здравствениот сектор, инфраструктура и слично.
Се осврна и на користењето на средствата од заемот од Унгарија кој е наменет за општините и приватниот сектор. При тоа посочи дека Владата на крајот на ноември има донесено одлука за условите за користење на средствата во приватниот сектор и дека во моментов се чека Развојната банка да го финализира производот согласно кој ќе се пласираат средствата од деловните банки кон крајните корисници.
За средствата наменети за општините, рече дека процесот се одвива како што беше планиран и дека веќе се вршат исплати по одредени проекти кај кои има реализација.
