Блиски Исток

Жртви во Газа, преговорите се комплицираат

26.12.2024 12:32

Не замолчува оружјето на Блискиот Исток. Нови израелски напади во Газа. Убиени новинари, цивилни жртви и повредени. Студот и нехуманите услови во енклавата го земаат својот данок. Смртноста на премрзнати бебиња расте. Тензично и во соседна Сирија.

Израелските сили продолжија со гранатирањата во Газа. Погодено медиумско возило паркирано пред болница, загинаа пет новинари. Тел Авив го потврди инцидентот – цел биле терористи на палестинскиот исламски џихад. Расте бројот и на починати премрзнати бебиња поради нехуманите услови во енклавата.

„Големиот студ во шаторите довело до значително намалување на температурата на телото и до смрт. Ова е крик за последиците на оваа нефер војна и нејзиното влијание врз луѓето од Газа, особено доенчињата кои не можат да толерираат ниски температури“, изјави Ахмед ал-Фара, директор на детското одделение во болницата Насер.

Хамас и Израел со меѓусебни обвинувања за преговорите за прекин на огнот. Милитантите велат – изјавите на израелските власти за новите услови за повлекувањето на трупите од Газа ги комплицираат работите, додека Тел Авив го прекорува Хамас за одбивање да достават список со заложници пред примирјето. Разговорите сепак, продолжуваат, велат властите во Египет.

„Ќе се погрижиме да има безбедносни тампон зони и командни позиции во Газа кои ќе ја гарантираат безбедноста на заедниците, работејќи на ослободување на заложниците и пораз врз Хамас. Нема да има нивно владеење, ниту присуство на нивната војска. Овде ќе се појави поинаква реалност“, изјави Израел Кац, министерот за одбрана на Израел.

Додека израелските сили продолжија со уништувањето на инфраструктурата на Хамас, Хутите од Јемен продолжија со напади. Шефот на Мосад предложи директен удар врз Иран за да ги запре. Нетанјаху не се согласува, но вели, лекцијата ќе се научи низ Блискиот Исток.

„И Хутите ќе го научат она што го научија и Хамас и Хезболах, и режимот на Асад и другите, па дури и ако е потребно време, оваа лекција ќе се научи низ Блискиот Исток“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Тензично и во соседна Сирија откако курдите на северот продолжија со контраофанзивата против сириската национална армија поддржана од Турција, на што Анкара реагираше дека ќе го задржи својот бескомпромисен став за какви било напади против територијалниот интегритет на Сирија. Од Москва сигнали за поддршка за загриженоста на Турција, но и акцент за важноста од одржувањето на територијалниот интегритет, суверенитет и единството на Сирија.

„Ја разбираме легитимната загриженост на турското раководство за безбедноста на границата со Сирија. Овие легитимни интереси, безбедноста мора да бидат обезбедени, но на начин на којшто Сирија ќе го задржи својот суверенитет, територијален интегритет и единство“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Во истовреме, најмалку 14 членови на безбедносните сили на новата сириска влада и тројца вооружени мажи се убиени во судирите во Тартус во обид за апсење на поранешни офицери на режимот поврзани со озлогласениот затвор Седнаја.

 

Бојана Крстевски