Ден на жалост во Азербејџан
Ден на жалост во Азербејџан по вчерашната авионска несреќа во казахстанскиот град Актау на Каспиското море. 29-мина патници се спасени, 11 се критична состојба. Причините за несреќата сè уште се истражуваат додека растат обвинувањата дека авионот бил погоден од руската воздухопловна одбрана.

Ден на жалост во Азербејџан по вчерашната авионска несреќа на „Азербејџан Ерлајнс“ во казахстанскиот град Актау на Каспиското Море. Од кобниот лет со 67 патника, од Баку кон Грозни спасени се 29-мина, 11 се критична состојба. Се идентификуваат починатите.
„Добивме информација дека авионот се урнал. Рекоа дека има преживеани. Го проверивме списокот, имаше 29 преживеани. Не можевме да го најдеме неговото име на таа листа“.
„Кога ја слушнав оваа вест, реков дека бевме заедно цел ден во ова село. Бевме на гости еден со друг. Тоа многу ме погоди. Не го очекував, не верував“.
Од азербејџанските авиолинии тврдат дека урнатиот воздухоплов поминал технички преглед, а пилотот бил искусен.
„Има различни теории за причините на несреќата, но верувам дека е прерано да се дискутира за нив, мора темелно да се истражат. Поткрената е кривична постапка и јавноста редовно ќе биде информирана“, изјави Илхам Алиев – претседателот на Азербејџан
Причините за несреќата сè уште се истражуваат, додека растат обвинувањата дека авионот бил погоден од руската воздухопловна одбрана. Од Кремљ велат дека е погрешно да се прават хипотези, додека истражителите работат на истрагата.
„Истрагата е во тек. Секој инцидент треба да го истражат специјалните воздухопловни власти и би било погрешно да се прават хипотези пред истражителите да ја донесат својата пресуда. Треба да го почекаме крајот на истрагата“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Светските медиуми објавија дека преживеаните рекле дека слушнале експлозија додека се приближувале до Грозни. Експлозијата била проследена со нешто што личело на шрапнели, кои удриле во авионот и го оштетиле трупот на авионот.
Маријана Димовска
