Хутите истрелаа ракета кон Израел
Откако Израел нападна цели на Хутите во Јемен, групата поддржана од Иран возврати. Проектил пресретнат надвор од израелскиот воздушен простор. Милиони луѓе испратени во засолништа. Светот стравува од нова ескалација на Блискиот Исток. Продолжуваат битките и во Газа...

Проектил истрелан од Јемен, пресретнат надвор од израелскиот воздушен простор. Милиони луѓе беа испратени во засолништа. Светот стравува од нова ескалација на Блискиот Исток откако израелската војска претходно го нападна јеменскиот меѓународен аеродром, пристаништа на Црвено Море и електраните. Од ООН велат дека состојбата е алармантна.
„Генералниот секретар останува длабоко загрижен за ризикот од понатамошна ескалација во регионот и го повторува својот повик до сите засегнати страни да престанат со сите воени дејствија и да покажат максимална воздржаност. Воздушните напади претставуваат сериозен ризик за хуманитарните операции во време кога на милиони луѓе им е потребна помош“, изјави Стефани Тремблеј – помошник портпарол на генералниот секретар на ООН.
Најновите случувања следуваат по неколкудневните лансирања на ракети од страна на Хутите при што неколкупати беа активирани сирените за воздушни напади во Израел. Милитантната група интензивно извршува напади од почетокот на војната во Газа.
„Нападот беше изведен без никакво претходно предупредување“.
„Мета беше меѓународниот аеродром додека во него имаше многу граѓани, при два лета, еден на пристигнување и еден на полетување“.
Израелската војска тврди дека таргетирале инфраструктура што ја користат Хутите поддржани од Иран за криумчарење на оружје и за влез на високи ирански функционери.
„Воздухопловните сили нападнаа цели на терористичката организација Хути во Јемен, како на крајбрежјето, така и во Сана. Ние сме решени да ја искорениме оваа терористичка оска на злото на Иран. Ќе истраеме додека не ја завршиме работата“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
„Како што рековме, кој ќе го повреди Израел, ние ќе го повредиме. Ќе ги ловиме сите водачи на Хутите, ќе ги удриме како што направивме на друго место. Никој нема да може да побегне од долгата рака на Израел. Ќе ги нападнеме за да ги отстраниме заканите за државата“, изјави Израел Кац – министер за одбрана на Израел.
Продолжуваат битките и во Газа. Светските агенции бележат жртви. Либанските медиуми јавуваат за израелските напади врз три цели во регионот на долината Бека, блиску до границата со Сирија.
Маријана Димовска
