ИЗРАЕЛ

Светот стравува од нова ескалација на Блискиот Исток

27.12.2024 17:12

Светот стравува од нова ескалација на Блискиот Исток. Откако Израел нападна цели на Хутите во Јемен, групата поддржана од Иран возврати. Проектил пресретнат надвор од израелскиот воздушен простор. Продолжуваат битките и во Газа …

Хутите презедоа одговорност за ноќниот балистички ракетен напад врз Израел. Проектилот бил пресретнат, милиони луѓе беа испратени во засолништа. Светот стравува од нова ескалација на Блискиот Исток откако претходно израелската војска го нападна јеменскиот меѓународен аеродром, пристаништа на Црвено Море и електраните.

„Нападот беше изведен без никакво претходно предупредување“.

„Мета беше меѓународниот аеродром додека во него имаше многу граѓани, при два лета, еден на пристигнување и еден на полетување“.

Од ООН повикаа на воздржаност.

„Генералниот секретар останува длабоко загрижен за ризикот од понатамошна ескалација во регионот и го повторува својот повик до сите засегнати страни да престанат со сите воени дејствија и да покажат максимална воздржаност“, изјави Стефани Тремблеј, помошник портпарол на генералниот секретар на ООН.

Израелската војска тврди дека таргетирале инфраструктура што ја користат Хутите поддржани од Иран за криумчарење на оружје и за влез на високи ирански функционери. Продолжуваат битките и во Газа, издадени наредби за евакуација на медицински установи. Расте црниот биланс.

„Како што рековме, кој ќе го повреди Израел, ние ќе го повредиме. Ќе ги ловиме сите водачи на Хутите, ќе ги удриме како што направивме на друго место. Никој нема да може да побегне од долгата рака на Израел“, изјави Израел Кац, министер за одбрана на Израел.

Палестинец од Западниот Брег со нож усмрти 80-годишна жена во Израел, во град на брегот на Средоземно Море. Нападот се квалификува како тероризам.

„Можам да кажам дека терористот е жител на Западниот брег. Повозрасна жена за жал е почина. Многу тежок настан“, изјави Хаим Саргароф, командант на Централниот округ на израелската полиција.

Израелската одбрана потврди дека извршиле воздушни напади против, како што велат, инфраструктурата што ја користи Хезболах на сириско-либанската граница за пренос на оружје.

 

Маријана Димовска