Добитник на Цветиновата награда за мир е новинарката Елена Стојкоска од МТВ
Цветиновата награда за мир денеска беше доделена на новинарката Елена Стојкоска. Наградата се доделува од 2021-та година, досега добитници се повеќе значајни личности и институции...

Денеска во Македонската телевизија, беше доделена Цветиновата награда за мир на новинарката Елена Стојкоска. Освен неа добитници на наградата овој пат се и нејзините деца Александар и Ива Стефановски, Александар, како лице со посебни потреби, а Ива како млад уметник.
„Со посебно задоволство ја примив оваа награда за мир, од големиот ликовен уметник, Живко Поповски-Цветин, за сите години на ширење на мисијата на мирот, преку многубројните емисии и прилози снимени заедно. Уметноста е универзална вредност и секогаш ги сплотува и облагородува луѓето. Многу сум благодарна што наградата, истовремено му припадна и на мојот син, кој е лице со посебни потреби“, истакна добитничката, Елена Стојкоска.
Ива Стефановска, средношколка во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, се заблагодари на наградата и кажа дека се надева, дека ќе го оствари својот сон да стане добра виолинистка.
Наградата се доделува од 2021-та година, досега добитници се повеќе значајни личности и институции, како Јордан Плевнеш, Ферид Мухиќ, Ставре Димитров-Стадим, Милка Ефтимова, Благоја Чоревски, Македонската Телевизија, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и други.
