Состојбата на Инфективната клиника е алармантна, недостигаат 100 вработени
Министерството за здравство најави од јануари ќе има огласи за илјада вработувања во здравството за кои Владата дала зелено светло. Состојбата на Инфективната клиника е алармантна, недостигаат 100 вработени – предупреди Фондот за здравство. Директорот Клековски најави дека се размислува за ново проширување на позитивната листа на лекови...

Ако ни се повтори пандемија како од Корона вирусот ќе нема кој да не лекува. На Инфективната клиника недостигаат 100 здравствени работници, дел се пензионирале, дел си заминале, инфектолози нема и низ државата.
Недостигот од медицински сестри и друг технички персонал во јавните здравствени установи ќе се решава од јануари.
Иако им ветија надлежните и оваа година нема да го одржат ветувањето, договорците ќе бидат вработени по Нова година.
Сè поизвесно е дека ќе се намали бројот на јавно-здравствени установи, а ќе постои и спојување на Центрите за јавно здравје во државата. Регионализацијата е неизбежна бидејќи сегашната структура е резултат на систем кој бил замислен во минатото, но не функционира сега.
Надлежните планираат и да ги сменат лековите кои ќе влезат на позитивната листа. Се трошат многу пари за лекови кои се поевтини од 100 денари, а кои граѓаните можат да си ги дозволат и без поевтинување. Директорот на ФЗОМ смета дека е подобро Фондот да ги инвестира парите за внесување поскапи лекови на позитивната листа бидејќи нив граѓаните потешко можат да си ги дозволат.
Наташа Јанчиќ-Менковски
