МВР ги истражува причините за експлозијата во фабриката за пиротехнички материјали
Дали и кој ќе биде повикан на одговорност ќе каже јавниот обвинител, посочи министерката Јанкуловска. МВР го завршила својот дел од увидот...

Најблиските, роднините и колегите на гробиштата во Ѓорче Петров се збогуваа со 59 годишниот работник кој што не се избори со последиците на тешките изгореници. Не сакаа да комуницираат со нас. Замолија медиумите да не шпекулираат пред да заврши официјалната истрага.
„Додека не се дознае што се има случено мислам дека не е коректно да се даваат било какви изјави“, вели колега на починатиот работник од фабриката за пиротехника во Сопиште.
На спротивната страна на градот, во близина на фабриката во која се случи експлозијата соседите со тешко срце ни ги пренесоа своите сознанија.
„Така слушаме, дека немал лиценца. Зошто не се појавуваат во јавност, да ги видиме луѓето.“
„Се шпекулира, незнам точно“, велат анктерините граѓани.
Се упативме во фабриката.
Во фабриката во која поради експлозија настрадаа тројца од вработените, а еден веќе и подлегна на повредите, немаше никој освен чуварот.
Празник е, ама и газдите се на погреб ни објасни чуварот.
Двајцата други повредени , приклучени на апарати, сеуште се во критична состојба.
„Тоа се екстензивни изгореници на голема површина, длабоки изгореници, зафатени се и респираторните патишта“, изјави Маре Стевковска, хирург.
Дали и кој ќе биде повикан на одговорност ќе каже јавниот обвинител, посочи министерката Јанкуловска. МВР го завршила својот дел од увидот.
„Преостанува да се направи анализа на податоците од увидот и на целокупната документација за функцинирањето на фабриката за пиротехнички материјали, “ изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.
Според првичните информации на МВР, експлозијата била предизвикана од искра која зафатила лесно запаллива газа. Но што точно се случило ќе покаже истрагата.
Фиљана Кока
