Охрид

За новогодишните празници безбедноста во сообраќајот во фокусот на охридската полицијата

29.12.2024 12:00

Најавите дека во Охрид за новогодишните празници ќе допатуваат повеќе илјади туристи ја зголемија ангажираноста на полициските службеници во Охрид. Тие уште отсега се фокусирани на подигање на сообраќајната безбедност и најавуваат ригорозни мерки против прекршителите на законот. Контролите особено ќе бидат насочени на автопатот во изградба Охрид-Кичево, каде и годинава имаше голем број сообраќајни несреќи.

Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот, полициските службеници од Охрид се постојано на терен. Со оглед на тоа што се очекуваат околу 15 илјади туристи од земјава и регионот во текот на наредната недела, особено внимание ќе биде посветено на автопатот во изградба Охрид – Кичево, каде што годинава животот го загубија пет лица, три повеќе од лани.

„Полициските службеници ќе имаат нулта толеранција кон сите оние возачи на патнички и други моторни возила коишто флагрантно ќе ги кршат одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата. Тоа значи дека нема да се толерира возење под дејство на алкохол, зголемување на брзината на движење“, истакна Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Иако во текот на новогодишните празници не се очекува снег во охридскиот регион, сепак од Секцијата на Македонија пат од Охрид велат дека се подготвени да работат 24 часа доколку има промени на временските услови. Препорачуваат внимателно возење и употреба на зимски гуми, бидејќи температурите ќе се спуштаат под нулата, поради што на одредени делови на патиштата ќе има голомразица.

„Константно сме на терен, работиме. Ама во случај кога ќе сме заглавени од други несовесни возачи со летни гуми и се излизгале и кога го блокирале нашиот дел каде што треба да го одржуваме, не можеме да излеземе во пресрет на граѓаните да го исчистиме од попреченост на возилата“, вели Крсте Ташкоски, раководител на Секција Охрид-Македонија пат.

Покрај интензивните контроли на автопатот во изградба од охридската полиција најавија и поголема присутност на сообраќајниците кои водат кон хотелско-угостителските објекти и на локалитетите кои се означени како црни точки.

Сашо Нелоски