Муслиманските верници го слават Рамазан Бајрам
Верниците од исламска вероисповед денеска го слават Рамазан Бајрам, најголемиот празник на милоста. Рамазанските адети се постојани. Најнапред е утринската молитва, а потоа ручекот со најблиските. Белег на трпезата е баклавата.

Рамазан е еден од петте столба на исламот. Останатите се верата, молитвите, поклонението и давањето милостина. Тоа е месец во кој се слават добрината, милоста, љубовта и простувањето.
Денеска муслиманските верници го означија крајот на едномесечниот пост. Уште од утрото се собраа и во Шарена џамија во Тетово на молитвата Бајрам – намаз.
„Тоа е најголема свеченост за муслиманскиот свет. Тоа е голем празник за нас, затоа што постевме и сега ова е голем ден Фитер Бајрам. За три месеци доаѓа и Курбан Бајрам, но ова е големиот празник“, велат муслиманските верници.
Од тетовското Муфтиство порачаа дека како никогаш до сега потребно е да се обноват духовните вредности.
„Ова е голема прилика да си пружиме рака едни кон други, надминувајќи ги евентуалните несогласувања“, порача Арифекри Ефенди Есати – Муфтија на тетовско Муфтиство.
Од тука се продолжува со рамазанските адети.
По утринската молитва муслиманските верници одат на гробишта за да им оддадат почит на своите мртви предци. Потоа се оди дома на семеен ручек.
По ручекот, мажите одат на гости кај роднините и пријателите. Со тоа се ожувува блискоста. Жените, пак, седат дома и пречекуваат гости.
Традиционалните слатки се најдоа и на трпезата во семејството Исмаили од тетовска Мала Речица.
„За Бајрам ако некој со некого е скаран, на тој ден се подава рака, се прегрнува и со самото тоа се простува“, раскажува Беким Исмаили.
За Рамазан Бајрам добрината и општите човекови редности се слават три дена.
Зоран Јованоски
