СИРИЈА

Сиријците се враќаат во опустошени домови

28.12.2024 12:44

Падот на Башар Ал Асад внесе оптимизам кај населението кое со децении живееше под стегите на репресивниот режим, чиј заштитен знак беше корупцијата. Земјата опустошена од граѓанската војна сега се соочува со огромни предизвици. Разрушени цели градови, без основните потреби за живот, без вода, без струја. Враќањето на животот во Сирија се чини нема да оди лесно...

Еуфоријата од падот на сирискиот претседател Башар Ал Асад полека спласнува. На виделина излегуваат предизвиците со кои се соочува земјата по повеќе од една деценија крвавата граѓанска војна. Внатрешно раселените лица ги напуштаат бегалските кампови, во надеж дека повторно ќе се вратат во своите домови, но таму ги очекува само пустош. Сириските градови некогаш преполни со живот и историја, сега се мрачни сенки на нивното поранешно битисување.

„Бевме шокирани, бидејќи нашиот град е целосно уништен. Во моментов луѓето не можат да се вратат, бидејќи градот воопшто не е подготвен за престојување. Нема ништо од потребите за живот, нема канализација, вода, струја, училишта не постојат, така што луѓето сè уште не можат да се вратат“,  вели Абдухкахар Зекири, жител на Сараќеб.

„Да се живее во шатори не е лесно, но што да правиме? Дури и да се вратиме во нашето село, мора да го земеме шаторот со нас. Не можеме да си дозволиме обнова“, вели Закиа Дамес, внатрешно раселено лице од Мааршорин, село Идлиб.

Откако мирните протести против режимот на Башар Ал Асад, прераснаа во граѓанска војна – околу 6 милиони луѓе беа принудени да ја напуштат својата земја, некои од нив пеш пристигнуваа до соседните, а дел од нив и до западно европските земји. Сирија сега се наоѓа на раскрсница, оптимизмот за обнова се враќа, но соочувањето со бруталната реалност не може да ги одмине граѓаните.

„Имаме неколку точки со препораки од советот за без бедност. Транзицијата мора да ја предводи самостојно Сирија и нивното лидерство, обезбедувајќи веродостојно, инклузивно и несекретаријатско управување. Треба да вклучува и уставни реформи, одржување на слободни и фер избори, со значајно учество на жените“, изјави Стефани Трембли, асистентка на портпарол на ООН.

Башар Ал Асад пребега во Москва, оставајќи ја земјата опустошена бруталноста на режимот и корупцијата. Власта во Сирија ја презедоа исламистичките бунтовнички сили. Светот исчекување од исходот на транзицијата во земјата.

Маја Стојанова