Новогодишната кошница не ги исполни очекувањата, празничната трпеза годинава поскромна
За празниците наместо богата, поскромна трпеза. Основните намирници се поскапени во просек за 10 до 20 отсто во споредба со лани. Граѓаните се жалат, новогодишната кошничка не ги исполни очекувањата...

Празничната трпеза годинава ќе биде поскромна. Традиционално за новогодишните и божикните празници се подготвуваат богати трпези, но оваа година трошоците значително се зголемени. Основните намирници се поскапени во просек за 10 до 20 отсто во споредба со лани.
Граѓаните велат ќе се обидат пристојно да празнуваат.
„За јадење торта, ќе зготвиме сарма, ќе сукаме нешто коматче. Скромно ама убо“.
„Нека биде скромна“.
„Од се по нешто. Сармичка, печено, кифлички, руска салата се“.
„Немаме со 14 000 пензија земам дали за јадење дали трпеза“.
„Сармите, месото печено, благотии се што си правиме“.
„Барем за празниците имало немало за јадење мора да се тргни некој денар“.
Новогодишната кошничка не ги исполни очекувањата, експертите велат треба да има празнично намалување на цените за да може достојно да се празнува.
„Во ек на некои празници кога и сами знаеме како потрошувачи дека за жал цените одат во многу нагорна линија е добро за било кое домаќинство семејство да знае дека барем до некој степен имаат некаква заштита“, вели Ристе Речкоски професор на ФТУ.
„Тие си ги качија цените претходно и сега ова е само маркетиншки трик“, вели еден граѓанин.
„Не е нешто намалување како што се најавуваше“, вели друг.
„Ќе почнат да ги зголемуваат цените пред Нова година и Божикните празници“, дополни трет.
Најголем дел од граѓаните велат Новата година ќе ја дочекаат во домашна атмосфера со најблиските, некои ќе бидат овде на градскиот плоштад.
Соња Рилковска
