Македонија

Дедо Мраз слета на аеродромот „Петровец“, децата на мировниците добија пакетчиња

28.12.2024 14:30

Предновогодишни активности со Армијата, традиционално како и секоја година. Дедо мраз слета на аеродромот „Петровец“ и им ги подели пакетчињата на најмладите. Претходно, претседателката Сиљановска-Давкова на видеоконференциска врска разговараше со македонските мировници кои се наоѓаат во шест земји низ светот…

Многубројни детски насмевки го дочекаа пристигнувањето на најпознатиот дедо на светот. Но, тој овој пат не пристигна на санка што ја влечат ирваси, туку слета со хеликоптер.

По атрактивниот прелет, Дедо Мраз се спушти на пистата во кругот на касарната „Страшо Пинџур“. Децата потрчаа кон својот омилен лик да им подари пакетче. Не им треба многу, скромни се во своите желби.

Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, преку видеоконференциска врска им се обрати на припадниците на македонската Армија кои извршуваат задачи во мисиите и операциите во повеќе земји. Им порача побрзо да се вратат кај најблиските и да издржат во предизвиците со коишто се соочуваат.

Пристигнувањето на Дедо Мраз и доделувањето на пакетчиња на воениот аеродром, традиционално се одржува во пресрет на новогодишните и божикните празници.

Александра Спировска