Голем протест за новогодишната вечер најавија студентите од белградските факултети
Нема нова година, сè уште сте должни за старата – студентите од српските факултети најавија голем протест за новогодишната вечер. Рекоа дека не смее да се испрати порака до светот дека на студентите, на листата приоритети, празниците и прославите им се пред борбата за правда. „Нема причина за славење без да се стигне до казни за одговорните за трагедијата во Нови Сад“, рекоа студентите...

„Тогаш кога целиот свет слави, мора да покажеме дека во Србија нема причина за славење, не пред правдата“, порачаа студентите на белградските факултети што ги организираат протестите на својата Инстаграм страница и повикаа на протест во пресрет на Новата година.
Заедничкиот дочек на новогодишната ноќ на студентите и граѓаните ќе започне во 22:30 часот, со собир во Пионерскиот парк, од каде ќе пешачат до Студентскиот плоштад, и ќе прават врева со запалени светилки се до 23:52 минути кога до 12:07 часот ќе има петнаесетминутен молк во знак на оддавање почит на жртвите во Нови Сад. Потоа до 01:00 часот ќе следат студентски перформанси.
Како што тврдат, сè ќе биде организирано по урнек на студентските демонстрации во 1996 година кога на 31 декември во центарот на Белград беше организирана собир на кој, присуствувале половина милион луѓе.
„Поради Новата година и бројните празници, студентските блокади се закануваат со разводнување во наредниот месец. Тоа не смееме да го дозволиме. Не смееме да испратиме порака до светот дека на студентите на листата на приоритети празниците и прославите им се над борбата за правда“, додадоа белградските студенти.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
