Здравство

Во кумановската болницата недостасуваат специјалисти, но и сестри

28.12.2024 17:54

Најмладиот анестезиолог во Кумановската болница има 60 години. Здравствената установа се соочува со сериозен недостиг од кадар. Иако опслужува повеќе од 200 илјади луѓе, таму фалат и специјалисти и среден медицински персонал...

Специјалисти од речиси сите профили, но најмногу анестезиолози, рендгенолози, ортопеди, уролог и инфективни болести, недостасуваат во кумановската болница. Најмладиот анестезиолог има 60 години, а највозрасниот 66 години. Надлежните се свесни за проблемот, алармирале до министерството за здравство. Очекуваат проблемот да се надмине од наредната година, со вработување на лекари специјализанти на приватни специјализации.

„Имаме информации дека ќе имаме убава бројка за Куманово примени специјализанти. И со тоа ќе го надополниме нашиот дефицит од кадар лекари, кои се веќе 2-3 година за студии, бргу ќе специјализираат и ќе ги намалиме листите за чекање, дали за операции, мамографија, снимање на рендген и таму имаме проблем“, вели Владимир Симоновски, главен медицински техничар Општа болница Куманово.

Но освен лекари, дефицит има и со средниот медицински персонал, сестри, болничари, помошно технички персонал. Новите вработувања велат од здравствената установа се неопходни, бидејќи при секое боледување или користење на одмор на медицинско лице тие се соочуваат со проблем.

„Имаме одлив на кадар, по основ пензионирање, префрлување по основ на живеење, колешки кои мигрираат во други градови со склучување на брак, тоа е еден од одливи, се надевам и верувам дека февруари март со почетокот на новата година ќе имаме и во тој дел дополнување на кадар“, дополни Симоновски.

Установата имала поднесено барања за вработувања, но веќе две години и покрај одливот, не добиле дополнување на персоналот.

Кумановската болница е меѓу поголемите во државата и опслужува околу 200.000 жители од североистокот.

Министерот за здравство Таравари и првиот човек на фондот информираа дека од јануари ќе почне вработување на среден медицински персонал во Куманово но и низ останатите болници и клиники.

Елена Георгиевска