Рамиз Мерко остана без пасош, струшкиот суд покрена ново обвинение
Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко остана без пасош, откако струшкиот суд покрена ново обвинение против него по предлогот на Обвинителството и го задолжи еднаш неделно да се јавува во судот. Од Обвинителството информираа дека мерките биле побарани поради опасност од бегство, со оглед на тоа што против него се водат девет судски постапки.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко доби уште едно обвинение и остана без пасош. Судот го задолжи еднаш неделно да се јавува и ги побара мерките поради опасност од бегство. Мерко е обвинет дека како градоначалник на Општина Струга во март годинава, поставил спомен-плоча на влезот на општинската зграда, со што поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, и сторил кривично дело, велат ОД Обвинителството.
„Имајќи предвид дека обвинетиот е долгогодишен јавен функционер, против кого ОЈО Струга во краток временски период годинава поднесе повеќе обвиненија и веќе води осум судски постапки за кривични дела – злоупотреба на службена положба и овластување и несовесно работење во службата, надлежниот јавен обвинител оцени дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон. Имено, со последното поднесено обвинение вчера, во основните судови во Струга и во Битола, против обвинетиот ќе се водат вкупно девет активни судски постапки, при што во секоја од нив му е запретена и затворска казна“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Обвинението е за старата зграда на основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга, каде по реконструкцијата се смести Општината, која во март по наредба на градоначалникот Мерко доби спомен-плоча испишана само на албански јазик со која се велича, фашистичката окупација на градот. Оваа училишна зграда е изградена уште во 1934, а од 2013 со решение на Управата за заштита на културно наследство е прогласена како значајно културно наследство. Денеска тука е сместена општинската администрација.
Освен за овој случај, против актуелниот градоначалник на Општина Струга се водат уште осум активни судски постапки и во секоја од нив му е запретена и затворска казна.
Во јуни 2023, Стејт департментот го означи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко од редовите на ДУИ како непожелен за влез во САД поради вмешаност во значајна корупција.
Игор Панов
