Втор протест за чист воздух во Скопје, граѓаните бараат мерки од надлежните
Втор марш за чист воздух во Скопје. Протестот почна пред Министерството за животна средина и заврши пред Град Скопје. Се бараат нови еколошки решенија, зајакнување на инспекциските контроли, ригорозни казни за загадувачите. Повик мерките да се носат во консултација со експертската јавност.

Граѓаните бараат 24 часа да се следи што испуштаат во воздухот големите индустриски капацитети; јавните, државните институции, болниците да престанат да користат мазут за затоплување, да има јавен превоз да се намали сообраќајниот метеж, да се реши проблемот со депониите. Родителите чувствуваат грижа на совест што нивните деца дишат загаден воздух.
Екоактивистите велат, излегуваме на протест за да се реши проблемот, протестираме за основно човеково право, да дишеме чист воздух.
Податоците на Светска банка покажуваат дека годишно 2.800 луѓе умираат како последица на загадениот воздух. Тоа е и причина за предвремени раѓања, алармираат лекарите. Секое седмо бебе ќе има проблеми со долнореспираторниот систем поради зголемено ниво на ПМ честички во воздухот.
Наташа Јанчиќ Менковски
