Охрид станува се попривлечен за странските туристи
Хотелите се полни, а мамка за туристите се црквите, природните богатства, охридските плажи и чаршијата...

Македонскиот бисер станува се попривлечен за странските, но и за домашните посетители. Хотелите се полни, а мамка за туристите се црквите, природните богатства, охридските плажи и чаршијата. Туристичката сезона имаше слаб старт, според многумина тоа се должи на временските неприлики. Градончалникот Бакрачевски е оптимист дека топлото време кое се очекува во наредниов период ќе ја смени сликата.
„Сепак Охрид е град кој пружа секакви услуги, за секое ниво на туризам, што подразбира дека има цени кои изгледаат дека се повисоки, меѓутоа има цени прифатливи за секоја категорија на граѓани“, изјави Никола Бакрачевски, градоначалник на Охрид.
Охриѓани наголемо се подготвуваат за празникот Илинден, кога по традиција, ова туристичко градче врие од гости. Странските гости се се побројни. Лани на охридското крајбрежје престојувале околу 100 илјади туристи од странство, од кои 20 илјади само од земјите на БЕНЕЛУКС.
„Тука сум со целото семејство по втор пат, убава земја, убав град.“
„Ќе останеме уште три дена во Охрид, а потоа заминуваме за Скопје.“
„Првпат сме тука во Македонија и многу ни се допаѓа“, велат анкетираните странски туристи.
Локалната самоуправа очекува најавените странски инвестиции да донесат поголем број на туристи и да се намали невработеноста во Охрид.
„Со отварањето на нови работни места во другите стопански гранки туризмот ќе може да се пренасочи во една повисока класа, однсоно од масовен туризам веќе да се ориентирме кон повисоките класи на туризмот, “ вели Ѓоко Апостолов, раководител на сектор за туризам и ЛЕР.
Според истражувањата на светските магазини, токму Охрид е балкански бисер, топ туристичка дестинација и место кое мора да се посети ова лето.
Викторија Тодоровска
