Македонија

Деспотовски под истрага за злоупотреба на службената положба, Кривичен му го одзеде пасошот

28.12.2024 19:11

Основното јавно обвинителство води истрага против екс-директорот на ТИР3, Јован Деспотовски. Постои основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување.

Екс-директорот на слободните зони, Јован Деспотовски остана без пасош. Кривичниот суд му одреди мерки на претпазливост во постапката што против него ја повеле Обвинителството и финансиската полиција поради сомнеж за злоупотреба на службената положба.

„Во предметот сè уште се преземаат дејствија од страна на Основното јавно обвинителство – Скопје и Управата за финансиска полиција“, велат од Обвинителството.

Деспотовски дал исказ пред судија на претходна постапка, по што Судот го прифати барањето на Обвинителството за изрекување мерки на претпазливост. Деспотовски вели дека е достапен за институциите. Тој ги демантираше неколкуте медиуми кои објавија дека наводно бил приведен.

„Мојата достапност и за институциите и за медиумите досега е потврдена во пракса и така ќе остане и во иднина“, се вели во писмената реакција на Деспотовски.

Дел од медиумите, пак, повикувајќи се на извори од финансиската полиција информираа дека Деспотовски бил повикан да даде исказ за финансиски недоследности, поврзани со приватна компанија што изведувала работи во две слободни зони.

Игор Панов

 

 

Фото: Архива