Двајца службеници се меѓу десетмината осомничени за криумчарење возила
Полицијата фати 10-мина, шверцери на луксузни возила, меѓу нив две службени лица и еден странски државјанин. Менувале документи, преправале броеви на шасија за да ги внесат и регистрираат во земјава. Автомобилите кои ги криумчареле биле предмет на меѓународна потрага.

Двајца службеници во управните служби за регистрација на возила и еден грчки државјанин се меѓу десетмината против кои е поведена постапка за криумчарење возила, фалсификување службени исправи, царински измами.
Групата е осомничена дека во 2021 и 2022 година со лажни документи и преправени броеви на шасија внесувале автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага. Потоа меѓусебно ги препродавале за да ги прикријат трагите и пред возилата да завршат кај трето лице. Полицијата изврши претреси на 10 локации во повеќе градови.
Грчкиот државјанин ќе и биде процесуиран во соседната земја, бидејќи обвинителствата меѓусебно соработуваат. Истрагата продолжува до целосно расчистување на случајот.
Александра Спировска
