Превентива за болеста чума кај добитокот
Добиточната болест чума кај малите преживари која се појави во Бугарија, ги засили контролите во пограничните региони. Болеста не е опасна за луѓето, но, кај овците и козите предизвикува голема смртност и огромни економски загуби.

Агенцијата за храна и ветеринарство почна со обуки за запознавање на одгледувачите на овци и кози со ризиците и начините на внесување на болеста чума кај малите преживари, која од неодамна е потврдена и во соседна Бугарија.
Ветеринарните власти спроведуваат мерки за нејзино рано откривање во одгледувалиштата во сите региони.
Во случај некое животно да покаже симптоми, ќе се земат примероци за лабораториско испитување, а заболениот добитокот ќе мора да се уништи, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Болеста не е опасна за луѓето но исклучително е заразна со високи економски штети со до 90 проценти на смртност кај добитокот.
Најбрзо се пренесува со директен контакт со заболено животно, контаминирана храна, превозни средства и слично.
Моментално кај нас има 4 илјади одгледувалишта на овци и кози со околу 478 илјади мали преживари, а годишно извезуваме околу 200 илјади јагниња.
Методија Трајков
