Претседателски избори во Хрватска
Актуелниот претседател на Хрватска, Зоран Милановиќ, победи на претседателските избори, но недоволно за избор. Во вториот круг на 12-ти јануари, ќе се соочи со кандидатот на Хрватската демократска заедница, Драган Приморац, кој доби поддршка само од хрватските гласачи во странство...

Зоран Милановиќ и Драган Приморац ќе ги одмерат силите во вториот круг од изборите за претседател на Хрватска на 12 јануари. Кандидатот на СДП и партнерите, Милановиќ во првиот круг освои 49 проценти од гласовите. Малку му недостасуваше да биде целосен победник. 58-годишниот актуелен претседател се смета за популист и важи за критичар на Европската унија.
„Би ги повикал сите да излезат и да гласаат во вториот круг, во уште поголем број. И ги замолувам сите да ми покажат доверба, ќе направам се за да не ги разочарам. Благодариме на сите луѓе во нашите градови, окрузи, во Хрватска, во странство во Босна и Херцеговина. Она за што ќе се борам е Хрватска со став, која се грижи за своите интереси“, изјави Зоран Милановиќ – претседател на Хрватска.
За кандидатот на ХДЗ, Приморац гласале 19,35 насто од избирачите. На своите приврзаници во изборниот штаб во Загреб им порача дека граѓаните испратиле порака дека сакаат промени и дека големата разлика во бројот на гласови е предизвик за него. Разликата од околу 30 насто меѓу двајцата кандидати кои влегуваат во вториот круг е најголема во историјата на Хрватска.
„Нашата земја не може да толерира претседател кој ја води земјата од сенка со една политичка опција и претседател кој не е претседател на сите хрватски граѓани. На Хрватска и требаат промени“, изјави Драган Приморац – претседателски кандидат.
На вчерашните избори гласале 46,03 насто од избирачите. Во игра беа осум кандидати. Излезноста беше значително помала отколку на парламентарните избори во април. Хрватскиот претседател се избира по мнозински изборен систем. Мандатот на претседателот трае пет години и на оваа функција може да биде избран најмногу двапати.
Маријана Димовска
