Обвиненија против 13 лица за несреќата во Нови Сад
Два месеци по трагедијата во Нови Сад, кога 15 лица загинаа при падот на настрешницата на железничката станица, денес се покренати првите обвиненија меѓу кои е поранешниот министер Горан Весиќ..

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад денес поднесе обвинение против 13 лица, меѓу кои е поранешниот министер за транспорт, Горан Весиќ, неговата помошничка задолжена за железнички сообраќај Анита Димоска, поранешната министерка и директорите на Железничката инфраструктура на Србија, Јелена Танасковиќ и Небојша Шурлан. Тие се обвинети за тешко дело против општата безбедност, во врска со кривичното дело предизвикување општа опасност.
Останатите обвинети се проектантите и лица задолжени за ревизија и техничка контрола, како и за изведба и надзор на проектот.
Обвинението е доставено до Вишиот суд во Нови Сад, за краток временски период да се потврди обвинението и побаран е притвор на сите кои се бранат од слобода-Горан Весиќ, Анита Димоски и Јелена Танасковиќ.
Падот на настрешницата предизвика големо незадоволство, протести и блокади на речиси сите факултетите во Србија кои продолжуваат и денес, а едно од барањата на студентите е овој случај да биде целосно истражен, да им се суди на сите одговорни, како и транспарентноста на работата на обвинителството поврзано со 1000-та писма упатени до врховната јавна обвинителка Загорка Доловац.
Останатите барања на студентите се кривично гонење и разрешување од функциите на сите кои физички ги нападнаа студентите, прекинување на кривичното гонење за студентите и престанок на притисоците од БИА и полицијата.
Затоа утревечер во Белград, Нови Сад и Ниш, студентите ќе ја пречкаат Новата година на плоштадите под слоганот „Нема Нова година-сè уште ни сте должни за старата“.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
